Реакции во Скопје и Софија за изјавата на Трифонов

Изјавата на бугарскиот политичар Слави Трифонов, дека САД ако толку сака земјава да ги почне преговорите, тогаш прво треба да им ги укине визите на Бугарите, ја разбранува јавноста во двете држави. Коалициските партии во Владата се оградија од постот на Трифонов и повикаа да не се даваат импровизирани изјави поврзани со Македонија.
„Ние имаме стратегија како разговорите да почнат да се водат на едно многу поинтензивно и пошироко ниво, а не само во насока на историското минато. Токму тоа ќе ни помогне за приближување на ставовите, заедно со почитување на Договорот за добрососедство“, рече Андреј Ѓуров – пратеник на „Продолжуваме со промените“
Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Николовски, побара да реагира и македонското МНР.
„Тој не е само претседател на значајна политичка партија во Бугарија, дел од владејачкото мнозинство, но исто така е и претседател на партијата којашто го дава министерот за надворешни работи, што дава дополнителна тежина на целата негова изјава. Најпрво да си поигрува и да го понижува македонскиот народ, да се поигрува со името тука на народот и државата, а после тоа дава пазарџиски условувања“, рече Николовски.
За предизвиците на евроинтегративниот пат се дебатираше на првата седница на Советот за евроинтеграција на која присуствуваа пратеници и од власта и од опозицијата. Николовски, кој претседава со националниот совет рече дека прва активност ќе биде презентирањето на приоритетите на француското претседателство од страна на францускиот амбасадор во земјава.
Нова динамика во македонско-бугарските разговорите се очекува по посетата на Скопје на бугарскиот премиер Кирил Петков кон крајот на месецов. Подготовките за посетата се веќе започанти – советничка за надворешна политика, Весела Чернева, на Петков била во Скопје да ги прецизира деталите за средбата со Димитар Ковачевски. Пред посетата на Петков, бугарскиот претседател Румен Радев закажа седница на Консултативниот совет за национална сигурност за десетти јануари, на која се очекува бугарските власти да ги потврдат позициите во однос на прашањето за македонските евроинтеграции.
Лука Андреев