
Реал Мадрид во четиринаесеттиот меч од Евролигата ја забележа својата 13. победа, откако „кралевите“ вечерва славеа над Баерн Минхен со убедливи 88-73, за зацврстување на првото место на табелата. Љуљ беше прв стрелец со 16 поени, Кампацо го заврши мечот со 13 поени и скромни за него 3 асистенции, Хезоња постигна 12, а Серхио Родригез 11 поени за „кралскиот клуб“. Бонга со 15 поени беше најефикасен кај Баерн, каде разочара Ибака со само шест поени.
Триумфалната серија на Басконија беше прекината вечерва откако избраниците на Душко Ивановиќ загубија на домашен терен од Виртус Болоња со 81-91.
Макаби како домаќин во Белград славеше над Анадолу Ефес со 95-86. Браун со 21 поен беше прв стрелец на Макаби, одличен беше и Колсон со 19 поени и седум скокови, додека Томпсон со 22 поени беше најдобар поединец во таборот на Ефес, каде центарот Џонс оствари дабл-дабл од 12 поени и 16 скокови.