„Речено – поречено“, зградата на општина Бутел нема да стане поликлиника

Градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, кој во предизборната кампања изјави дека е подготвен да ја напушти општинската зграда и таа да се претвори во поликлиника, сега се предомисли. Според него, општинската зграда нема да биде напуштена, туку за една година ветува дека ќе започне со изградба на нова поликлиника.
Костовски во своето ветување за време на предизборната кампања рече дека приоритет ќе биде изградбата на нов објект и оти еден месец по неговиот избор ќе го понуди општинскиот објект.
Прашавме во Министерството за здравство дали ќе се гради нов објект или ќе се доизградат модуларни капацитети, но засега не добивме одговор. Парцелата каде што се монтажните објекти, за кои се зборуваше дека е следна поликлиника, се наоѓаат веднаш до општина Бутел.
Првично беше планирано таму да се изгради објект, но подоцна здравствените власти проценија дека за модуларна поликлиника ќе биде потребно помалку време и пари и ќе има подобра енергетска ефикасност. Носител на договорот за изградба на 10 модуларни амбуланти е фирмата „ЕМС“, а целиот проект чини околу 3 милиони евра.
Еви Шкопи