Речиси еден месец Блаце нема редовен јавен превоз, ЈСП молчи

Жителите на Блаце и денеска останаа без јавен превоз. По еден час чекање сред село жителите беа принудени да си заминат за да најдат друго решение за да пристигнат во главниот град за да ги завршат обврските.
Револтираните жители обвинуваат дека ЈСП воопшто не го почитува распоредот на автобусот со број 81, често оставајќи ги напразно да чекаат на автобуската станица.
„Веќе три недели автобус не доаѓа во Блаце. Доаѓа само тој во девет навечер, доаѓа празен и празен се враќа, друг автобус нема. Автобус во Блаце имаше по пет пати дневно, сега веќе еден месец не знам што е проблемот.“
„Излегувам кај автобусот, ако дојде добро, ако не дојде, ќе се вратам дома.“
„Излегуваат и чекаат, го чекаат два часа, не доаѓа, се враќаат дома. Пак излегуваат поручек, тој пак не доаѓа. Велат нема возачи и автобуси, сега не знаеме што. Секој нема кола, тој што има кола си го зема семејството и оди, но тие што немаат, што да прават, велат жителите.“
Жителите потсетуваат дека и покрај постојаните барања, никој од надлежните институции не се погрижил да им го реши проблемот.
„Дали ви се случило да чекате долго време на станицата? Да, многу. Два часа и воопшто да не дојде. Како се снаоѓате, како патувате? Со некој автомобил што поминува, некој те зема, некој не, секој си има своја работа.“
„Ниту на партијата, ниту на некој друг му е гајле. Кога им требаат гласови, доаѓаат дома и велат вака ќе правиме, така ќе правиме, реагираат жителите.“
Селото Блаце има над 100 населени куќи, чии членови речиси секој ден треба да патуваат до Скопје и обратно. Од Јавното сообраќајно претпријатие не добивме одговор за причините за овој проблем.
Мелихате Рустеми