ВЕСТИМАКЕДОНИЈА
Регистрирани мал број нови случаи на Ковид-19, вакцинацијата се одвива непречено

Дваесет и еден нов случај на КОВИД-19 од направени 4370 тестирања, еден починат и седум оздравени пациенти се регистрирани вчера. На инфективните одделенија во Скопје и во болниците низ земјава вкупно се лекуваат 101 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот и има околу 530 празни болнички кревети во ковид центрите. Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти. Вакцинацијата против Ковид-19 се одвива непречено, соопшти Министерството за здравство.
Според податоците од МЗ, шест од 21 новодијагностицирани се од Кичево, по четворица од Скопје и Тетово, двајца од Прилеп и по еден нов случај има во Битола, Велес, Дебар, Куманово и Охрид.
Починатото лице е 72-годишен кумановец, кој починал во болнички услови. Четворица од седумтемина оздравени се од Скопје, двајца од Кичево и еден од Струмица.
Активни случаи на КОВИД-19 во земјава има 438, од кои 189 се во Скопје.
Како што соопшти Министерството за здравство, вчера во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани четворица нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Четворицата пациенти биле примени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, додека на Институтот за ТБЦ и во ГОБ „8 Септември“ немало приеми на нови пациенти.
На инфективните одделенија во главниот град вкупно се лекуваат 36 лица сомнителни и потврдени за Ковид 19. Во ковид центарот на Институтот за ТБЦ се лекуваат двајца пациенти. Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 12 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 22 пациенти. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка. Вчера дома биле пуштени седуммина оздравени пациенти.