Рејтингот на СДСМ во пад, најголема поддршка и натаму за ВМРО

ВМРО-ДПМНЕ продолжува да го одржува политичкиот рејтинг највисок од другите партии во земјава. Во последното истражување на американскиот републикански институт ИРИ спроведено во периодот април-мај годинава, 19 отсто од испитаниците изјавиле дека доколку има избори оваа недела, би гласале за партијата на Мицкоски. Поддршката за СДСМ е намалена и таа сега е 11%. ДУИ би добила 8% од гласовите, Алијанса за Албанците 5%. 15% од испитаниците изјавиле дека нема да гласаат, а 18% се неопределени.
Оливер Спасовски е прв на листата на министри на прашањето „кој министер најдобро си ја врши работата“, додека Артан Груби е прв на листата министри кои, според анкетираните, не работи како што треба.
Според резултатите од анкетата, само 30% од граѓаните целосно или донекаде се согласуваат со внесувањето на бугарското малцинство во Уставот, додека 64% се целосно против или донекаде против. 66 отсто сметаат дека Бугарија е главниот противник на членството на земјава во ЕУ.
Но, од друга страна, поддршката за интеграција на земјата во ЕУ е зголемена. Овој пат 79% го поддржуваат членството, а 17% се против.
Најголем дел од испитаниците, 25 отсто, Турција ја гледаат како земја која најмногу ги штити националните интереси на Македонија, а овој број бележи значителен пораст во последните три години. На второ место е ЕУ, со 18%, а на трето е Германија со 13%.
На локално ниво најголемиот проблем што го има Скопје според испитаниците е јавниот превоз, планирањето и урбаниот развој како и безбедноста и криминалот. Дури 53 отсто сметаат дека градоначалничката Данела Арсовска не си ја врши добро работата за да биде реизбрана. На ниво на сите општини, 38% од испитаниците не се задоволни од работата на градоначалниците, а 43% сметаат дека првиот човек на нивната општина добро си ја врши работата.
Во оваа анкета, граѓаните кажале дека секојдневно сè помалку следат политички вести, но телевизијата останува прв избор за информирање, за дури 73% од нив. Алсат е меѓу најследените медиуми за политички вести, четврти на листата, со 18%.
Истражувањето на ИРИ е спроведено на четири очи со 1.204 лица постари од 18 години, со маргина на грешка од +-2,8%.
Фатлуме Дервиши