Реката Вардар се претвори во мочуриште поради големото количество на наталожен отпад и различни остатоци
Реката Вардар се претвори во мочуриште поради големото количество на наталожен отпад и различни остатоци

Реката Вардар во Скопје се претвори во мочуриште поради големото количество на наталожен отпад и различни остатоци.
Наталожениот отпад долж коритото на оваа река создаде идеални услови за комарци, кои за граѓаните станаа неподносливи. Според нив, Македонија е меѓу првите земји во светот по загадување и по негрижа кон граѓаните, а додаваат дека дури и кога се врши прскање против инсекти – тоа е само колку за око.
Од Град Скопје велат дека прскањето против инсекти се врши континуирано и според однапред утврден план, а за време на викендот е планирано второ авионско прскање против комарци.
„Досега се реализирани два авионски третмани против ларви од комарци и еден авионски третман против возрасни комарци. За наредниот период е планиран вториот авионски третман против возрасни комарци, кој ќе се реализира за време на викендот, на 28 и 29 јуни 2025 година„, велат од Град Скопје.
Покрај граѓаните на Скопје, поплаки од комарци пристигнуваат и од други градови. Од Општина Тетово информираат дека дезинсекцијата на целата територија на општината е спроведена на 14 јуни 2025 година, и тоа во ноќните часови. Од Општина Куманово велат дека последното прскање против инсекти е извршено на 24 јуни, а моментално се спроведуваат активности поврзани со заштита од инсекти, во согласност со Усвоената програма за спроведување на општи мерки за заштита на населението од заразни болести./Алсат.мк
Авни Тахири