Решението со Бугарија останува предуслов за преговори со ЕУ

„Само интензивираната работа на релација Скопје-Софија ќе даде резултат“, порача високиот претставник на Унијата за надворешна политика, Жозеп Борел. Сепак, тој додаде дека билатералните прашања не треба да го загрозуваат процесот на проширување. Владините функционери пак, уверуваат дека имаат редовна комуникација со бугарските колеги за да се изнајде решение кое ќе биде достоинствено за двете земји и кое ќе ја одблокира евроинтеграцијата на земјава.
„Клучот на решавањето е на релација Скопје-Софија, а Брисел, сите европски институции и државите-членки можат само да помогнат и да дадат поддршка на тој процес. Ние токму затоа, од самиот почеток на годината, од кога беше формирана новата Влада сме во интензивна комуникација со Бугарија, во една различна атмосфера и на повеќе теми и токму затоа во јавноста не сме искажале никаков датум“, рече Бојан Маричиќ – вицепремиер за европски прашања.
Во меѓувреме, властите велат дека постојано комуницираат и експертите од Министерствата за надворешни работи на двете земји кои ги разгледуваат политичките прашања.
„Тоа заеднички постигнато решение ќе биде споделено со сите чинители во нашата држава и институционално ќе биде презентирано согласно со уставните и законските одредби во државата“, рече премиерот Ковачевски.
А, иако првично беше најавено дека експертите, по состанокот во Софија од 11 февруари, ќе се сретнат повторно во Скопје во првата половина на месецов, засега нема таква најава. Последно, средба одржа меѓувладината работна група за дигитална трансформација и владеење на правото, пред само три дена, кога бугарскиот вицепремиер Борислав Сандов вети дека Бугарија ќе ни помогне во отворањето на кластерите во преговарачкиот процес. До крајот на месецот се очекува на иста маса одново да седнат и историчарите, на чија последна средба, како што соопштија, бил постигнат напредок, па иако не беше планирано, решиле да се видат уште трипати до мај.
Лука Андреев