„Ретвитни оброк“ – Од „обична“ идеја до неверојатна хуманитарна акција

Необична идеја која се претвора во вистинска хуманитарна кампања. Иницијативата „Ретвитни оброк“, започнала со само две учеснички, кои на социјалните мрежи објавувале фотографии од храна, сервирана дома или во некој угостителски објект. Сепак, почетната идеја добила нов карактер откако тие решиле по објава на фотографиите, оброците да бидат доделени на оние на коишто им се најпотребни. На оваа тема во вечерашното издание на „Емисија 200“ на Алсат, зборува активистката од „Ретвитни оброк“, Теодора Цветковска.
„Најпрвин сето тоа почна со готвење на можеби 20 оброци, кај кого стигнеме дома, во стан, во некој простор што ќе ни го отстапеа, за веќе после 6 години ние готвиме повеќе од 200 оброци секој петок и во сабота ги даваме на бездомници, но и на луѓе коишто се во социјален ризик. Така, од нешто што почна сосема наивно, на социјалните мрежи, сега стана некоја навика, па доаѓаат и компании готват секој петок и помагаат“, вели Цветковска.