Ревизија: 9 од 10 јавни набавки спроведени без јавен оглас!

Државниот завод за ревизија (ДЗР) по прочешлувањето на документација на 19 државни институции констатирал дека дури 88 отсто од јавните набавки во време на пандемија биле спроведени без објавување на оглас. Тоа значи дека девет од десет набавки на институциите под државна капа се договарале во четири очи. Во извештајот на ревизорите се наведува дека во анализираните јавни набавки постоело отсуство на прецизно дефинирање на критериумите за „итност“ на набавката или видот на услугата кои може да се набават во време на криза или вонредна состојба. Со што заклучиле дека не може да се потврди во целост интноста на набавката.
„Договорните органи спроведувале јавни набавки од крајна итност и во период кога можело да биде спроведена редовна постапка за јавна набавка. За исти или слични стоки во различни институции се постигнати различни цени, а варијацијата на цени кај определени стоки достигнува значителни разлики и неусогласености помеѓу доделените договори за јавни набавки и тендерските документации и техничките спецификации, што го отежнува следењето на реализацијата, дали фактурираните цени соодветствуваат со договорените“, наведуваат од ДЗР.
Дополнително, ревизорите констатирале дека планирањето на јавните набавки на државните институции која е една од најважните постапки не било завршено навремено и според потребите. Набавките биле направени без детална анализа, но според министерот за здравство Венко Филипче, не постоел друг механизам за да се направи набавка за кратко време.
„Тоа не се набавки во четири очи тоа се набавки во кои што нема оглас зошто е кратко времето да се стигне до потребната опрема и материјали. Сите тие неколку постапки се јавно објавени на сајтовите на министерството, сме праќале понуди на повеќе од сто компании кои што можеле да дадат таква опрема и се одбирале тие со најниска цена“, вели Филипче.
Пресметките на државниот ревизор велат дека од први март до први октомври лани склучени се договори за јавни набавки во вредност од близу седум милиони евра. Деветнаесетте институции кои се под лупа на ревизорите склучиле договори за јавни набавки во вредност од пет и пол милиони евра што претставува над 80 отсто вкупните договорени набавки во анализираниот период. Истата пракса продолжила и годинава па заклучно со февруари се склучени јавни набавки без објавување на оглас во вредност од еден и пол милион евра.
Иле Петревски