
Загуба на вода од 60 отсто и неплатени обврски кон државата од околу три милиони евра, констатира Државниот завод за ревизија (ДЗР) во најновиот извештај за Јавното претпријатие (ЈП) „Водовод и канализација“ Скопје.
Ревизорите, како што пишува во извештајот, имаат неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансискиот извештај на ова претпријатие за 2021 година, а искажуваат и резерва во однос на усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики.
„Ревизорите со извршената ревизија утврдиле дека во период од 2017 до 2022 година количината на произведената вода значително отстапува од количината на фактурираната вода, односно процентот на нефактурираната вода се движи околу 60%, што е двојно повисоко од нејзиното оптимално ниво предвидено со Стратегијата за намалување на загубите на вода во водоснабдителниот систем на Град Скопје“, велат од ДЗР.