Ревизија: Уставните судии решиле само 60 проценти од предметите

За четири години или од 2015 – та до 2019 – та уставните судии решиле само 60 отсто од предметите пред Уставниот суд, констатираше Државниот завод за ревизија. Четириесет проценти од предметите останале нерешни. Ревизорите во извештајот за работата на судот, посочува дека во деловникот нема рокови за конечно одлучување и завршување на постапките.
Затоа, ДЗР препорачува:
„Доуредување на Деловникот за работа во делот на утврдување на рокови во кои ќе се закажуваат подготвителни седници како и рокови за конечно одлучување по примените иницијативи“, наведуваат од Државниот завод за ревизија.
Ревизијата бара јасни критериуми за следење и оценување на ефикасноста во работењето на судиите. Ревизорите утврдиле дека Уставниот суд набавувал стоки и услуги без да ги применуваат одредбите од Законот за јавни набавки. Според овој Закон, судот без да спроведе постапка смеел да направи набавки до 12 илјади евра. Но спротивно на законот, Уставен потрошил двојно повеќе.
„Уставниот суд без спроведена постапка за јавна набавка има преземено обврски за набавка на стоки и услуги во износ од 26 илјади 770 евра што претставува надминување на законски утврденииот вредносен праг од 12 илјади 610 евра“, соопштуваат од Државниот завод за ревизија.
Ревизорите во извештајот за работата на Уставниот суд ја нотираат и одлуката, уставните судии да земаат бонуси на платата во висина од 35 проценти, кои ја донесоа самите со интервенција во Деловникот лани. Ревизијата утврдила дека нема изготвен акт за висинината и начинот на утврдување на додатокот на плата. Уставниот суд имал забелешки за извештајот но не им се прифатени со образложение дека се известувања. Во делот за високите бонуси, судот дообјаснил дека нема никаква уставна пречка судиите да земат плус 35 проценти или нивната плата со бонусите да достигнува и 2 илјади евра.
Бојан Стојановски