Ревизија: Утврдени бројни неправилности во Коридорите 8 и 10 Д

ДЗР констатирал бројни неправилности во Коридорите 8 и 10 Д. Првото нешто што го констатирале ревизорите е фактот дека нема основен проект и техничка спецификација за Коридорот 8 и 10 Д, што значи дека проектирањето ќе се врши во текот на изградбата. Иако индикативната вредност на Комитетот за транспорт беше проценета на 585 милиони евра, во постигнатиот договор вредноста на проектот е 1 милијарда и 319 милиони евра.
Извештај на Државниот завод за ревизија за коридорите 8 и 10 Д:
„Во однос на направената проценка потенцираме дека во списокот, овие два проекта се оценети како не добро мерени, недостига комплетна документација за почеток на градба, односно беше истакнато дека беа потребни 24 месеци за комплетирање на документацијата“.
Во овој случај се поставува прашањето зошто на крајот на 2023 година се префрлени 200 милиони евра, од кои 150 милиони евра или 72 отсто од вкупните трошоци се исплатени за „Воспоставување и управување“ со проектот. Што се управуваше со овие 150 милиони евра уште пред да почне изградбата без да се реши целосно експропријацијата на земјиштето? Ревизорот констатирал дека и покрај милионите кои легнаа на жиро сметката на Бехтел и Енка, до крајот на минатата година е завршена само 0,12% од изградбата, што значи дека од почеток има отстапување од планираното за реализација на Коридорите.
Извештај на Државниот завод за ревизија за коридорите 8 и 10 Д:
„Само 53 отсто од експропријацијата е завршена, а геотехничките испитувања достигнаа 33 отсто. Ваквата состојба на реализација на проектот за коридорите во оваа форма, без подготвена техничка документација од која треба да се утврди проценетата вредност, може да донесе големи фискални ризици и компликации во буџетот и јавните средства“.
Бидејќи стандардот ФИДИК не бил почитуван според ревизијата ризикот што може да произлезе од проектирањето во овој случај паѓа на работодавачот, а не на изведувачот. На ова предупреди и Меѓународниот монетарен фонд.
Извештај на Државниот завод за ревизија за коридорите 8 и 10 Д:
„Во извештајот на ЕУ за 2023 година објавен во октомври беше нагласено дека со овој проект е зголемена изложеноста на ризици и фискални компликации. Извештајот беше упатен на проценка на ММФ и затоа дел од средствата се откажани“.
Бидејќи проектот се заснова на посебен закон нема можност за користење грантови од други извори како што се оние од ЕУ. Премиерот Христијан Мицкоски на јавниот повик за назначување на оператор кој ќе ги изведува работите, а потоа и на јавниот повик за надзорници на работите, изјави дека со неговото доаѓање на власт ќе се преиспитаат проектите за можна злоупотреба. Министерот за транспорт и врски Александар Николовски по стапувањето на функцијата изјави дека не се исклучува можноста за законски измени. Во однос на експропријациите, експоненти на власта во неколку наврати изјавија дека постојат силни докази дека поранешни функционери и членови на семејства и роднини на поранешната власт купиле имоти долж трасата на Коридор 8 и 10 г, за потоа да ги продадат по многу повисоки цени. Неофицијално, за овие индиции, Обвинителството за организиран криминал и корупција покренало предистражни постапки.
Адриан Керими