Ристоска: За корупцијата многу се зборува, но резултатите изостануваат

Впечатокот ни е дека досега многу се зборува за корупцијата, меѓутоа резултатите изостануваат и затоа сметаме дека со адресирање на овој проблем токму кај младите и со јакнење на нивните капацитети за препознавање и градење отпорност ќе можеме како општество да имаме значителни резултати во борбата со корупцијата.
Ова го изјави обвинителката за врски со Европравда, Ленче Ристоска, пред почетокот на денешната работилница од проектот „Мојот антикорупциски дневник“ што се одржува во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Младите и младите политички лидери, рече Ристоска, се избрани во овој проект затоа што, како негови спроведувачи, веруваат дека со промоција на едно ново етичко лидерство и нов стандард во владеењето, ќе можеме како општество да се соочиме со предизвиците кои ни ги поставува корупцијата.
„Целта на овој проект, уште кога го дизајниравме, ни е да ја адресираме корупцијата од едно друго ниво, а тоа е од нивото на оние кај коишто е одлучувачката моќ во иднина и кои веруваме можат многу да променат…И навистина се надеваме дека овој настан и овој целосен проект кој ќе се содржи од вкупно три работилници ќе биде една инспирација за младите политички лидери и за младите во нашата држава, да промовираат стандарди на едно отчетно владеење, на владеење кое што е во интерес на граѓаните и владеење коешто е ослободено од корупција“, кажа Ристоска.