Роднини на министри вработени во М-НАВ

Државното претпријатие за контрола на летови М-НАВ, е работодавач на блиски членови на семејствата на министрите, објави емисијаа „Код“. Помеѓу 300 вработени во М-НАВ, според истражувањето, има членови на семејствата и блиски роднини на тројца актуелни министри во владеачката коалиција.
„Тројца министри од актуелната власт имаат роднини вработени во Македонската навигација. Во М-НАВ работат снаата на вицепремиерот Артан Груби, сестрата на министерот за надворешни работи Бујар Османи и внукот на министерот за земјоделство Љупчо Николовски, како и други роднини на поранешни министри и пратеници“, велат во „Код“.
Во изјава за медиумите Османи рече дека неговата сестра работи таму веќе 15 години, а Николовски дека неговиот внук е многу вешт и професионален кадар, и дека се школувал во Кина, Јапонија, дипломирал во Словенија.
Во „Код“ се пренесе и ставот на министрите Османи и Бектеши, кои биле против смена на директорите на М-НАВ, и кои барале од Ковачевски да не се разрешуваат зашто смената на директори, според нив, ќе значело предавање пред синдикатот но тој образложил дека станува збор за ситуација која бара итно решение поради авиосообраќајот и меѓународните обврски на државата.
Според премиерот Димитар Ковачевски, оваа институција станала семејна компанија во која се вработени роднини до третата генерација. Според него, констатиран бил непотизмот на претседателот на Синдикатот на авиоконтролорите, Александар Тасевски. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ова е прв, можеби и единствен пат да се согласат со изјавата на премиерот Ковачевски.
„Првпат се согласуваме со премиерот Ковачевски, кој рече дека М-НАВ е претворена во семејна фирма, но мораше до крај да каже дека е семејна фирма на ДУИ и СДСМ. Отсекогаш сме велеле дека М-НАВ, е неофицијална агенција за вработување на членовите на семејството на актуелната власт“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Меѓу вработените во М-НАВ се снаата и синот на поранешниот пратеник на ДУИ, Ејуп Алими, внукОТ на директорот на М-НАВ, Беким Незири (сега осомничен за упадот во контролата на воздушниот сообраќај). Роднините на Николовски и Незири, се вработени како помошници контролори, а во оперативниот оддел работи и сестрата на министерот, Бујар Османи. Другите роднини работат во администрацијата на М-НАВ.
Аднан Ќаили