Роднините бараат ново вештачење за автобуската трагедија во Бугарија

По барањето на семејствата на загинатите во трагедијата што се случи во Бугарија минатата година, кога изгореа 46 патници, за да се истражат околностите кои довеле до кобната несреќа, Бугарија соопштува дека ја прекинува прелиминарната постапка. Портпаролката на главниот обвинител во Бугарија, Сијка Милева изјави дека предистражната постапка за трагедијата во Струма е запрена и побарале од колегите во Северна Македонија да се сослушаат повеќе преживеани и блиски до починатите. Милева за БНТ изјави дека досегашната истрага ги открила фактите за тоа што се случило кобната ноќ. Ноќта на 23 ноември автобусот бил целосно опожарен, но не од 4-те бензински канти, кои ги превезувале. Причина за трагедијата била банкината која ја блокирала вратата на автобусот и патниците не можеле навреме да излезат и да се спасат од запалениот автобус.
„Утврдено е дека голем број патници загинале од задушување од пожар и од висока температура. Овде имаме два настани, сообраќајна несреќа и пожар. Како последица на несреќата избувнал пожар. Од вештачењето било утврдено дека возачот возел со голема брзина, поради што изгубил контрола над автобусот“, рече Милева.
Милева вели дека по второто барање за правна помош, сега на ред е Обвинителството на Северна Македонија, да ги сослуша членовите на семејството и преживеаните кои биле во автобусот на Беса Транс.
„Секој мора да биде информиран за правата и обврските според бугарската кривична постапка, и доколку сака да му бидат дадени истражните материјали да се информираат за текот на кривичната постапка“, додава Милева.
Во оваа кривична постапка во Бугарија беа сослушани 30 лица, меѓу кои и преживеаниот возач, преживеаните патници и сведоци. По граѓанската постапка за евентуална одговорност поради несоодветната инфраструктура на автопатот Струма, адвокатот на дел од семејствата на загинатите и повредените патници Николај Димитров, изјави дека вештачењето на терен е започнато, а целта е да се истражи дали има други околности кои довеле до трагедијата. Барањата за отштета е над 750 илјади евра, рече Димитров.
Алсат