Роднините на загинатите во пожарот во тетовската болница револтирани од пресудите

„Изгорени по втор пат“, велат членовите на семејствата на загинатите кои ги загубија животите при пожарот во Модуларната болница во Тетово. Мумин Исмаили, кој ја загуби мајката ноќта на 8 септември 2021 година, вели дека судската пресуда повторно им ја разбудила болката за загубата. Адвокатите поднеле жалба и се бара повторно судење.
„Воопшто не сме задоволни од оваа пресуда и денеска ќе поднесеме претставка до нашите адвокати за повторно судење. Во пресудата ги немаше вистинските луѓе, кои се познати затоа што овие двајца-тројца обвинети немаат врска со ова, но се чини дека се работи за политички договор кој не се споменува. Познатите, поранешниот министер Филипче, но и Илир Хасани, кој беше заменик-министер за здравство. Овде велам, треба да има долг список со обвинетите затоа што има 14 загинати, јас со свои очи ги почувствував и видов изгорениците…“, рече Мумин Исмаили, роднина.
Реагираа и од листата „Подобро за Тетово“.
„…Скапаната правда заробена од политиката по втор пат ги уби не само оние кои изгореа, туку и членовите на нивните семејства и молчаливите тетовци. Клиентелистичката политика која владее сите овие години кај нас, ги дава овие резултати каде за 14 изгорени животи имаме нула дена затвор. Ова е апсурдно. Застарената политичка реторика за Европската Унија ни ги згаснува надежите и нè демотивира уште повеќе за нормален живот во овој град“, рече Нгадњим Мемети, листа „Подобро за Тетово“.
По околу две години судење, двајцата директори добија по година и пол условни затворски казни додека лекарот Бобан Вучевски беше целосно ослободен од обвиненијата. Болницата како правно лице треба да плати милион денари за непостапување.
Башким Сулејмани