Роковите за именување нов премиер и гласање за нова влада може да траат повеќе од еден месец

Не се очекува новата влада да биде избрана пред јануари. По внатрепартиските избори за претседател на СДСМ на 12 декември, ќе следува избор на заменици претседатели и на другите органи на партијата. Се очекува целата постапка да трае до крајот на декември. Од СДСМ велат дека нема точно дефиниран период.
Во трката за лидер на СДСМ се Димитар Ковачевски, Фросина Ременски и Јован Деспотовски. Ковачевски ја има поддршката од Заев, на кој веќе му се обраќа како на следен мандатар.
Откако ќе завршат внатрепартиските процеси, Зоран Заев најави дека до Собранието ќе поднесе оставка од премиерската функција. По констатирањето на неговата оставка, констатирана ќе биде оставката на целата влада. Претседателот на Собранието го известува претседателот дека премиерот поднел оставка и претседателот во рок од десет дена треба да го даде мандатот на партијата или партиите кои имаат мнозинство.
Новиот мандатар треба пред пратениците во Собрание да ги предложи новиот владин кабинет и владината програма. Неофицијално, и политичките партии од парламентарното мнозинство сметаат дека втората половина на јануари се очекува да биде период на конкретизирање на сите овие процедури.
Фатлуме Дервиши