Рубин: Русија ќе се обиде да го наруши процесот на уставни измени

Западен Балкан е загаден со дезинформации, оценува претставникот на американскиот Стејт департмент Џејмс Рубин. Тој вели дека Русија и Кина трошат многу пари за да го прошират своето влијание во регионот со дезинформации. Координаторот на Глобалниот центар за ангажман при Стејт Департментот, Рубин, се сретна со претставници на Владата во Скопје, со кои рече дека конкретно не разговарал за дезинформации за уставните измени, но со лаги и дезинформации тешко ќе се има легитимна политичка дебата.
„Да, сигурен сум дека има такви во регионот и во Кремљ кои не сакаат да видат напредок во овие прашања што ќе и овозможат на Северна Македонија да постигне напредок во европските институции. Сигурен сум дека размислуваат што можат да направат за да направат проблем. Сè што можам да кажам е дека се надевам дека владата овде ќе работи со нас и ќе развие начин општеството да се справи со дезинформациите“, рече Џејмс Рубин, Центар за глобален ангажман, Стејт Департмент.
Рубин додаде дека правилата за рекламирање во медиумите на странски субјекти треба да бидат прецизно утврдени со законски прописи. Меѓу другото, тој додаде дека земјата треба да развие закони кои ќе ја регулираат и сопственоста на онлајн медиумите.
„Во оваа држава има портали и медиуми кои повторуваат дезинформации без новинарски стандарди. Ги повторуваат и удвојуваат дезинформациите кои доаѓаат од Русија, Србија или од каде било. Кога станува збор за портали кои ги плаќаат одредени субјекти, особено Кина и Русија, најмалку што можеме да направиме е да ги етикетираме и нивната странска сопственост да биде транспарентна. Треба да се осигура дека странската сопственост е идентификувана и признаена“, додава Рубин.
Рубин не смета дека сферата на дезинформации може целосно да се реши, но вели дека може да се ограничи.
Фатлуме Дервиши