Русија и Украина се стрелаат и со ракети и со зборови
Русија и Украина се стрелаат и со ракети и со зборови

Десетици загинати и ранети е билансот од ракетните напади на руската армија во речиси сите украински градови, како одговор на бомбардирањето на мостот што ја поврзува Русија со окупираниот полуостров Крим.
Руските напади биле извршени од море користејќи го воздушниот простор на Молдавија, но и од други региони каде што е концентрирана руската армија долж границата со Украина.
Украинската армија соопшти дека руските сили истрелале најмалку 75 ракети врз Киев и градовите на југот и западот на земјата.
Во Киев и во западниот украински град Лавов беа погодени објекти важни за енергетскиот сектор и друга клучна инфраструктура, доведувајќи до недостиг на струја и вода.
Во главниот град на Украина бомбардиран беше и мост.
Но, мета беа и цивилни цели, за што говорат сликите што ги објавија светските медиуми.
Украинскиот претседател Зеленски ѝ се обрати на нацијата од пред претседателската канцеларија во Киев. Обвини дека режимот во Москва има за цел да внесе паника кај народот.
„Утрото е тешко. Имаме работа со терористи… Тие се во паника, сакаат хаос. Сакаат да го уништат нашиот енергетски систем. Тие се очајни. Втората цел се луѓето. Тие намерно го избраа времето кога имаше штрајк, да направат поголема штета. Но, ние сме Украинци и помагајќи си се веруваме во себе. Ќе обновиме сè што е уништено. Сега може да има привремени прекини на струјата, но нема да успеат затоа што нашата победа е сигурна“, рече Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Рускиот претседател Путин соопшти дека нападите се одговор на, како што рече, „терористичките“ акции на Киев, вклучувајќи го и нападот викендов на мостот што ја поврзува Русија со анектираниот полуостров Крим.
„Режимот во Киев со своите акции всушност се стави на исто ниво како меѓународните терористички формации, најозлогласените групи. Едноставно е невозможно злосторствата од овој вид да се остават без одговор. Утринава по предлог на Министерството за одбрана и според планот на рускиот Генералштаб беше извршен масовен напад од воздух, море и копно со долг дострел против енергетските, воено-командните и комуникациски објекти на Украина“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
НАТО и ЕУ ги осудија руските напади нарекувајќи ги застрашувачки. Генералниот секретар на НАТО, Столтернбер рече дека Алијансата ќе продолжи да им помага на, како што рече, храбрите Украинци да се борат со агресорите од Кремљ, онолку долго колку што е потребно.
Во меѓувреме, Германија соопшти дека ќе ги испрати првите четири напредни системи за воздушна одбрана ИРИС во Украина. „Новите ракетни напади во Киев и другите големи градови јасно покажаа колку е важно брзо да се испратат системи за противвоздушна одбрана“, објави германското Министерство за одбрана./Alsat.mk
Исуф Кадриу