Русковска суспендирана поради претресот кај Арафат Муареми

Републичкиот обвинител Љубомир Јовески ја суспендираше Вилма Русковска, шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал. Русковска за дел од медиумите потврди дека денеска добила решение за оддалечување од функцијата. Според образложението на Основното јавно обвинителство, Јовески се решил на ваков чекор поради фактот што против обвинителката во моментов трае кривична постапка, откако против неа била поднесена кривична пријава. Инаку, кривична пријава против Русковска неодамна поднесе првиот човек на Финансиската полиција, Арафат Муареми.
Покрај суспензијата на Русковска, според информациите на Алсат, Обвинителството покренало и дисциплинска постапка против неа, како и нејзините две колешки Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска, кои го спроведоа претресот во Управата за финансиска полиција.
„Јавниот обвинител на Република Северна Македонија денеска поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда“, наведоа од ОЈО Скопје.
Директорот на Финансиската полиција неодамна се одлучи по судски пат да докаже дека претресот во неговата канцеларија, спроведен од Русковска, Трајчева и Јосифовска, бил незаконски. Неговите обвинувања за пропусти при претресот ги потврди и надзорот спроведен од Обвинителството на Јовески. Надзорот покажа дека Русковска не ги дала на располагање бараните информации, била ненадлежна да постапува, но и не го поткрепила барањето на претрес. Муареми во пријавата истакна дека трите обвинителки ја злоупотребиле службената положба и фалсификувале службена исправа. Против трите тој поднесе и претставки до Советот на јавни обвинители.
Веднаш откако Муареми ги најави пријавите, Русковска обвини дека ѝ се врши притисок од власта. Претресот се случи на 18-ти јули, по добиена, како што велат од Обвинителството за организиран криминал, анонимна кривична пријава против Муареми. Според изјавата на Русковска, таа барала да ѝ бидат доставени предмети од Управата кои веќе биле затворени, па се одлучила за претрес.
Лука Андреев