Русковска за Мухамед Зеќири: „Сè било незаконско, имаме докази“

Нема политички пресметки во истрагата со генералниот секретар во оставка Мухамед Зеќири, зашто има докази за делото. Ова го тврди шефицата на обвинителството за гонење на организиран криминал, Вилма Русковска. Таа во интервју за Телевизијата „24“ рече дека се собрани доволно докази за сторено кривично дело – злоупотреба на функцијата. Фирмата за консултантски услуги, на незаконски начин добила сума од близу еден милион евра.
„Сè е незаконско затоа што и според Законот за јавни набавки, секоја набавка над 400.000 евра, мора да има меѓународен тендер, не само домашен, туку и меѓународен тендер. Колку што ми е познато, не е побарана ни согласност од Бирото за јавни набавки, што е задолжително при склучување на договор да кажам во четири очи“, рече Русковска.
Но, вицепремиерот Фатмир Битиќи вели дека не е докажано дали Зеќири згрешил.
„Јас верувам во владеење на правото, а владеењето на правото не може да биде половично. Не може ако јас сум на власт владеењето на правото да важи за другите, ама не за мене…“, рече Битиќи.
Зеќири е првоосомничен за проневера на државни пари. Наместо преку тендерска постапка, тој во четири очи избрал фирма за консултантски услуги за анализа на работата на Македонски пошти. Тој се товари дека ја злоупотребил функцијата генерален секретар во Владата и со тоа го оштетил буџетот близу еден милион евра.
Зеќири од петокот е во притвор. Кривичниот совет на судот во Скопје ќе заседава утре и ќе одлучи по неговата жалба дали да му се определи поблага мерка. Пред да се појави во судот, Зеќири во петокот поднесе оставка од функцијата во Владата.
Игор Стефановски