
Мораме да бидеме свесни за состојбата на Западниот Балкан во услови кога дијалогот Белград-Приштина што се води со посредништво на ЕУ не се одвива онака како што би сакале и кога постојат сецесионистички тенденции за поделба на Босна и Херцеговина, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата пред почетокот на дводневниот состанок на министрите за одбрана на земјите членки на Пактот во Брисел.
– Без сомнеж тоа ќе биде на нашата агенда и бидете сигурни дека ќе сториме се и ја изразуваме нашата поддршка за Западниот Балкан, рече Руте.
Тој додаде дека го поздравува и одржувањето на Самитот на Берлинскиот процес, како дел од напорите, пред се на Германија, за приближување на Западниот Балкан кон ЕУ, но и кон НАТО.
Руте додаде и дека НАТО ќе продолжи да ја поддржува Украина онолку долго колку што ќе биде потребно и тоа е пораката до рускиот претседател Владимир Путин дека поддршката за земјата ќе трае се додека не се создадат услови за мировни преговори со Русија
– Може да бидете апсолутно сигурни дека сите 32 сојузници се обединети во ставот дека заедно ќе направат се Украина да надвладее на теренот и Путин да не го добие тоа што го сака, истакна Руте.