Сѐ поскапе, а власта допрва ќе казнува

За една година трошоците на живот се пораснати за 19,8 отсто. Државниот завод за статистика објави дека од октомври лани до истиот месец годинава само трошоците на набавка на храна е зголемиле за 31,2 отсто. Но и покрај официјалните податоци, граѓаните се сведоци дека цените на основните прехранбени производи се повисоки за 100 отсто. Лебот кој лани се продаваше за триесетина денари, сега надминува едно евро, зејтинот од 55-60 денари, сега е околу 130, истото важи и за млекото, шеќерот, брашното.
Во најновиот извештај на Статистика за анализираниот период се наведува дека месото, млечните производи и маслото за јадење се зголемени за над 40 отсто. Статистичарите забележале и зголемување на трошоците на граѓаните за сметките за домување за 20 отсто. Поточно, за 25 проценти се зголемени трошоците за електрична енергија, за горива и набавка на гас. Извештајот покажува и дека граѓаните плаќаат за 20 отсто повисоки сметки кога одат во ресторан или користат други угостителски услуги.
Дека се зголемени трошоците на живот потврда даде и последната пресметката на синдикалната минимална потрошувачка кошничка којашто покажува дека најголемиот дел од семејниот буџет е за набавка на храна и плаќање на режиските трошоци.
Синдикалната потрошувачка кошничка надмина 51.500 денари за едно четиричлено семејство. Пресметките на синдикатот велат дека близу 20 илјади денари се потребни за набавка на основните прехранбени производи, а близу 13.000 денари за подмирување на сметките.
А, ценовните турбуленции нема да се смират ниту со носењето на долгонајавуваниот нов Закон за потрошувачи. Власта уверува дека е потребно негово усвојување за да запрат ценовните шокови, но сега велат дека спасот би биле високи казни за трговците кои манипулираат со цените.
„Доколку не се почитуваат одлуките на Владата од страна на трговците, во тој случај се користат одредбите за нечесно и измамничко однесување од Законот за заштита на потрошувачите и следат соодветни прекршочни мерки или поригорозни мерки како забрана за работа од три месеци до две години“, велат од Економија.
Во однос на земјите од регионот, каде дел од државите се членки на Европската унија, а тамошните граѓани заработуваат двојно и повеќе од жителите во Македонија, таму сепак нема толкаво зголемување на цените на основните производи.
Иле Петревски