
Повеќе од 60 пациенти повредени во трагедијата во Кочани се лекуваат надвор од земјата, додека двајца од нив сѐ уште се во критична состојба. Во болниците во земјата моментално се лекуваат седум пациенти. Министерството за здравство соопшти дека во моментов се врши категоризација на пациентите според потребите за рехабилитација, со цел понатамошно соодветно лекување на пациентите.
„Во здравствени центри надвор од земјата се хоспитализирани 64 пациенти. Додека во болниците во земјата се хоспитализирани вкупно седум пациенти од повредените во трагедијата во Кочани, од кои 4 пациенти се хоспитализирани на Клиниката за хирургија ‘Свети Наум Охридски’, 1 пациент на Клиниката за токсикологија и двајца пациенти во приватната болница ‘Систина’“, информираа од Министерството за здравство.
Четворица пациенти во текот на денот ќе се вратат од лекување во болницата „Пригоров“ во Бугарија. Од Клиниката за изгореници и хирургија велат дека за пациентите кои се пуштени на домашно лекување имаат дадено упатства за понатамошен третман, додека четворица други пациенти кои сè уште се лекуваат таму се во тешка, но стабилна состојба.
„Четири други лица повредени во Кочани остануваат на понатамошен третман во Пирогов. Овие пациенти сè уште се во тешка, но стабилна состојба и се наоѓаат на интензивна нега. Се извршуваат бројни интервенции за нивно закрепнување“, информираат од Клиниката за изгореници и пластична хирургија во Бугарија.
Во Бугарија беа транспортирани 15 пациенти за поадекватен медицински третман, осум од нив во болницата Пирогов, а тројца во болниците во Пловдив и Варна. Инаку, вчера беше регистрирана 61-та жртва од трагедијата во Кочани.
Линда Ебиби