САД апелираат, ЕУ да одреди датум за преговори со Македонија и Албанија

Новинар: Луме Дервиши
Соединетите Американски Држави ја повикуваат Европската Унија да одреди датум за почеток на преговори и за С. Македонија и за Албанија, без да ги одвојуваат. Ова за Гласот на Америка го изјавија од американскиот Стејт департмент.
„И Албанија и Северна Македонија донесоа тешки одлуки, фундаментални реформи и двете заслужуваат да одат напред на својот пат кон ЕУ”, рече Стејт Департмент на САД
Ставот на САД доаѓа два дена откако привремената влада во Бугарија соопшти дека Албанија е подготвена да започне преговори, но не и С. Македонија. Ниту властите на ЕУ не се согласија со одвојување на Скопје и Тирана туку побараа нивно третирање во пакет.
Во меѓувреме, Франција, која го презема претседавањето со ЕУ од 1 јануари во следните шест месеци, најави поголема посветеност кон Западен Балкан. Тоа го соопшти францускиот претседател Емануел Макрон при претставувањето на приоритетите.
„Историјата се повторува денеска и ние имаме посебна одговорност кон Западен Балкан. Таму мора да спроведеме политика на нов ангажман, но и инвестиции со цел да се фаворизира економската интеграција на регионот, да се помогне размената на луѓе, да се решат малцинските прашања и да се бориме против влијанијата и манипулациите кои се последица на ангажманот на сили чија цел е преку Балканот да се дестабилизира Европа”, вели Емануел Макрон, претседател на Франција
Вчера, вицепремиерот Артан Груби тврдеше дека постои француска иницијатива да се седнат Бугарија и С. Македонија на маса за да се најде решение за спорот. Но, од Владата во Софија го демантираа тоа. Во меѓувреме, од нашата влада наведоа и дека одговориле на бугарските барања, но не кажаа дали добиле одговор од Софија. /Алсат.мк