САД: Борбата со корупцијата и владеењето на правото – предизвик за власта

Претставникот на најмоќната држава во светот, Филип Рикер во синоќешното гостување во емисијата 360 степени на Алсат пренесе порака дека САД и натаму е силен поддржувач на политиките на Македонија. Земјава направи многу на патот на евроинтеграциите и заслужено е членка на НАТО. Но Рикер вели дека земјава веќе припаѓа на западот, колку и да се обидуваат анти западните и недемикратските сили да влијаат на било кој начин врз развојот на Македонија.
„Бројот на земји, на лидери, бројот на влијателни дипломати кои дојдоа мислам дека ја покажува силната поддршка што ја има Северна Македонија. И, секако, од Вашингтон, ги видовте пораките на претседателот Бајден кој е долгогодишен пријател на овој регион и на оваа земја. Секретарот Блинкен, на разните мултилатерални форуми додека беше во Европа минатата недела, јасно стави до знаење дека сакаме да видиме како овој регион оди напред. Ја даваме целата наша поддршка за таа цел.“, изјави Филип Рикер.
Рикер се осврна и на борбата против корупцијата. Според него справувањето со ова зло мора да биде со здружени сили.
„Претседателот Бајден беше многу јасен дека борбата против корупцијата, зборувајќи јасно и гласно за добро управување, ќе бидат главни теми во надворешната политика на САД. Сметаме на нашите сојузници, како Северна Македонија, да ни се придружат во овие напори низ цел свет. Ја видовте новата извршна наредба за Западниот Балкан што ја донесе претседателот Бајден со цел да ги надгради старите наредби, за да ја прошири и разјасни нашата позиција за справувањето со корупцијата.“, истакна Филип Рикер.
По најавите на американскиот претседател Бајден дека ќе ја проширува црната листа со личности кои не го почитуваат договорот од Преспа, Рикер не откри, дали веќе е одлучено кој се ќе се најде на тој список. Во однос на ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека Договорот од Преспа не го признаваат и ќе бараат ревизија на целиот договор, Рикер изјави дека договорот во Преспа е завршена работа.
Иле Петревски