
Соединетите држави отфрлаат какво било решение на две земји за Кипар споменато од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во изминатите денови, изјави претставничката на Стејт департментот Викторија Нуланд. На прашањето во Конгресот дали американската влада недвосмислено ја отфрла таквата опција, таа одговори: „Да, апсолутно! Ние веруваме дека само процесот што го водат кипарските граѓани може да донесе мир и стабилност на Кипар“. За време на дводневната посета на северниот дел на Кипар, кој е под турска окупација скоро половина век, Ердоган рече; дека „трајно и одржливо решение може да биде можно само“ ако се земе предвид дека на островот има „две одделни држави и два одделни народа“. „Меѓународната заедница порано или подоцна ќе ја прифати оваа реалност“, рече Ердоган пред прославата на 47-годишнината од инвазијата на Турција врз островската држава.