
Американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил, денеска изјави дека Соединетите Американски Држави ја поддржуваат иницијативата „Отворен Балкан“ како и другите интегративни проекти во регионот.
„Ми се допаѓа што беше развиен овде на Балканот, не беше наметнат однадвор. Ние го поддржуваме како и другите проекти за регионална интеграција“, изјави Хил за Радио телевизија на Србија, пренесува Бета.
Амбасадорот на САД во Србија оценува дека за поцелосна економска интеграција на регионот треба да се надминат политичките предизвици што произлегуваат од наследени проблеми и недоверба.
„Би рекол дека овде има многу историско наследство, повеќе од потребно, мора да најдеме начин да го надминеме“, вели Хил.
Инаку, „Отворен Балкан“ е регионална иницијатива која има за цел да ја подобри слободата на движење на стоки, услуги и луѓе. Основана е во 2019 година од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерите на Албанија, Еди Рама и на Северна Македонија, Зоран Заев, под името Мини Шенген. Во 2021 година иницијативата беше преименувана во „Отворен Балкан“.
Иако поканети Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора досега се противат на приклучување на иницијативата. Меѓу причините што може да се слушнат од официјални претставници на овие земји се и оценките дека мотивите зад иницијативата се големодржавни проекти и дека иницијативата Отворен Балкан не е врзана за ниту еден стандард на Европската Унија.