
САД им порача на своите граѓани веднаш да ја напуштат Русија поради војната во Украина бидејќи им се заканува одмазда, односно органите на редот во земјата може неоправдано да ги приведат или малтретираат.
„Американските граѓани што живеат во Русија треба веднаш да ја напуштат земјата. Бидете особено внимателни на неосновани апсења. Не патувајте во Русија“, се вели во соопштението на Амбасадата на САДво Москва, а пренесува „Гардијан“.
Во соопштението од Амбасадата се додава дека граѓаните на САД треба да знаат дека американските кредитни и дебитни картички повеќе не работат во Русија, а опциите за електронски пренос на средства од САД се крајно ограничени поради санкциите наметнати на руските банки.
САД постојано ги предупредуваа Американците да ја напуштат Русија. Последното такво официјално предупредување беше издадено во септември минатата година откако рускиот претседател Владимир Путин нареди делумна мобилизација.