
На иницијатива на амбасадата на Соединетите држави денеска во Приштина претставници на Владата и Претседателството на Косово, како и опозициските политички партии и граѓанското општество, разговараат за формирање на Заедница на општини со српско мнозинско население.
„Со нетрпение очекуваме да ги слушнеме перспективите на различни групи лидери на граѓанското општество, владини претставници и политички лидери“, се вели во објавата на амбасадата на Твитер пред почетокот на дискусијата.
Оваа средба доаѓа по инсистирањето на меѓународната заедница Косово да го започне процесот на формирање на Заедницата, што актуелната влада предводена од премиерот Албин Курти упорно го одбива, со образложение дека не е во согласност со Уставот на Косово и дека не може да се формираат моноетнички здруженија. Формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство првпат беше договорено во 2013 година како дел од дијалогот меѓу Косово и Србија за нормализација на односите, со посредство на Европската унија. Потоа во 2015 година беа воспоставени принципите, но Уставниот суд на Косово изјави дека тие не се во согласност со 23 члена од Уставот на Косово, со заклучок дека сепак може да се приспособат со статут или некој подзаконски акт. Портпаролката од Амбасадата на САД во Косово Кетрин Џад за Радио Слободна Европа изјавија дека целта на дискусијата е да се подобри меѓусебното разбирање за Заедницата на општини со српско мнозинство и да се обезбеди поддршка за дијалогот меѓу Косово и Србија.