ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

САД: „Отворен Балкан“ треба да остане само економски проект

Поддршка од Европската унија за иницијативата „Отворен Балкан“ побара на денешниот Самит премиерот Димитар Ковачевски, порачувајќи да не се остави геостратешка празнина во регионот, особено во контекст на војната во Украина.

„Местото на секоја земја од регионот е во Европската унија, по тој пат одиме и заедно се европеизираме. Земјите од Западниот Балкан се тесно поврзани, кога има напредок во една земја, тоа е поттик за напредок и кај другите земји. Европски е да се помагаме, а не да се кочиме и блокираме“, рече Ковачевски.

Според албанскиот премиер Еди Рама „Отворен Балкан“ е добар механизам за справување со кризите и шанса за решавање на проблеми. Рама нагласи дека веќе не треба да си создаваме стрес за претстојната „свадба“, како што го нарече јунскиот Самит на ЕУ.

„Отворен Балкан е маж, а невестата е Европска Унија. Ова е лошо за нас. Подобро ние да бевме невестата, побрзо ќе нè земеа, а кога си маж со толку големи проблеми, со минато со убиства, тоа е голем проблем. Нашиот пат е многу јасен, ние сакаме Европа да ја изградиме овде“, рече Рама.

Српскиот претседател Вучиќ истакна дека Србија скоро и да нема отворени прашања со Македонија и Албанија и како што оцени, „Отворен Балкан“ е незапирлив, иако се сметало дека е осуден на пропаст.

„За тоа дали ќе ни отворат преговори или не, зависи од некој друг или пак, дали Сонцето тој ден ќе нè огрее. Она што секогаш зависи од нас е како ќе живееме со соседите, дали ќе им помогнеме на соседите и дали тие ќе ни помогнат на нас“, рече Вучиќ.

Поддршка за идејата пристигна и од првите луѓе на Црна Гора и Босна и Херцеговина, кои присуствуваа во својство на набљудувачи.

„Кога шестемина ќе седнеме и ќе разговараме за потребите на граѓаните, сигурен сум дека пораката од Брисел ќе биде поинаква, па и тие што се скептични и го забавуваат Западен Балкан да забрза во интеграцискиот процес, ќе сфатат дека се во грешка“, рече Дритан Абазовиќ – премиер на Црна Гора.

„Сигурен сум дека „Отворен Балкан“ може да го покрене економскиот потенцијал во регионот. Но, уште посигурен сум дека БиХ порано или подоцна ќе биде членка во „Отворен Балкан“, рече Зоран Тегелтија – претседател на Совет на Министри на БиХ.

Официјалните претставници на САД и ЕУ нагласија дека фокусот на „Отворен Балкан“ е исклучиво економијата.

„Охрабрувам оваа иницијатива да остане економска, ова не е политички проект, туку важен економски проект и таков треба да остане, да се фокусира на создавање можности“, порача Габриел Ескобар – специјален претставник на САД за Западен Балкан.

„Главното прашање на луѓето е кога ќе живеат како во Европската унија, со истите можности на луѓето во Унијата? Тоа е вистинската интеграција, а таа започнува преку економијата“, рече Оливер Вархеји – еврокомесар за проширување.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button