
Соединетите Држави соопштија дека се согласуваат со разузнавачките проценки дека Иран или неговите сојузници на Блискиот Исток би можеле „да го нападнат Израел уште оваа недела“ и го повикаа Техеран да „се откаже“ од своите постојани закани кон Израел, јавува редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.
Портпаролот на американската национална безбедност Џон Кирби за новинарите изјави дека претседателот Џо Бајден разговарал со лидерите на клучните сојузници за да разговараат за ситуацијата и рече дека Вашингтон сериозно ги сфаќа извештаите дека Иран наскоро би можел да го нападне Израел како одмазда за убиството на Исмаил Ханије, политичкиот лидер на Хамас, која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација.
Иран го обвинува Израел за убиството на Ханије и вети одмазда, предизвикувајќи стравувања од поширока војна на Блискиот Исток.
„Мораме да бидеме подготвени за она што може да биде значителен збир на напади, поради што, повторно, ги зголемивме капацитетите на нашите сили во регионот дури и во последните неколку дена“, рече Кирби.
„Имаме значајни сили во регионот. Во последните неколку дена сменивме нешто во таа позиција. Претседателот е уверен дека имаме на располагање капацитети да помогнеме во одбраната на Израел“, додаде Кирби.