
Мора да се постави прашањето чија е иницијативата за амнестијата на БРАКО? Дали е тоа барање на премиерот Ковачевски, добра зделка за министерот Фатмир Меџити или пак, директна наредба на Артан Груби, праша поранешниот министер за здравство Беким Сали по објавувањето на документарецот на ИРЛ за трагедијата во која пред две години животите ги загубија 14 луѓе.
Сали вели дека откако седнал во министерската фотелја, во септември 2022 г. побарал интерна ревизија за договорот за модуларните болници кои се користат како амбуланти, а на 25 јануари годинава извештајот бил финализиран и добил препорака Министерството за здравство да го раскине договорот со фирмата изведувач – БРАКО бидејќи било проценето дека анекс договорот е незаконски. Но и покрај препораката, новиот министер Фатмир Меџити, според Сали, минатиот месец преку владата иницирал исплата за БРАКО со што го наградил еден од главните посочени виновници во емисијата „Убиство во Тетово“.
„Која е обврската која оваа власт ја има кон Анѓушев и зошто се гази по жртвите од пожарот за корист од неколку милиони евра? Што друго треба да се случи за Ковачевски и Меџити да поднесат оставки?“, прашува Сали.
Тој побара одговорност и од државниот јавен обвинител Љубомир Јовески за кого кажа дека наместо да бара виновници кај оние кои ги изградиле модуларните болници, тој ги амнестирал.