Самит ЕУ: Македонија ќе ги отвори поглавјата по уставните измени

Проширувањето на Европската Унија со шесте земји од регионот, ублажувањето на последиците од влијанието на руската агресија во Украина и економијата се дел од темите на кои се разговара на Самитот ЕУ-Западен Балкан, вечерва во Брисел. Посебен фокус ќе се стави и на Планот на ЕУ за раст на Западен Балкан, кој тежи шест милијарди евра. Самитот следува по вчерашниот Совет за општи работи, каде беа одредени нацрт-заклучоците што се очекува Европскиот Совет да ги усвои во наредните два дена. Според нив, за Македонија ќе биде закажана Втора меѓувладина конференција веднаш штом биде исполнет условот за усвојување на уставните измени. Во заклучоците, во делот за земјава, се поздравува водењето на надворешната политика, прогресот во економските критериуми, но се бараат дополнителни напори за владеењето на правото.
„Северна Македонија мора да испорача во делот на независноста, професионалноста и непристрасноста на правосудството, во борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и реформи во јавната администрација“,, се наведува во нацрт заклучоците на Европскиот совет.
Токму владеењето на правото е поглавјето што прво се отвора, а се затвора на крајот на преговорите, пред зачленувањето. Претседателот Стево Пендаровски денеска истакна дека САД и ЕУ се поревносни борци против корупцијата за разлика од дел од домашните институции. Тој повика реформите во оваа област да бидат императив и натпартиски проект.
„Борбата против корупцијата, не само во нашиот случај, најефикасно се води кога државата е фокусирана на европската интеграција. Затоа, ниту геополитичкиот контекст, ниту економската или енергетска криза, ниту блокадите на интеграциите, не смеат да не дефокусираат од оваа цел. Знаеме дека според самата своја природа европската интеграција не може да биде цел и приоритет само на една политичка гарнитура. Тоа е национален проект“, рече Пендаровски.
Најверојатно и Албанија ќе почека за Втора меѓувладина конференција. Пречка се очекува да постави Грција, поради несогласувањата за апсењето на градоначалникот на Химара, Фреди Белери кој се изјаснува за етнички Грк. Тој беше уапсен за наводно купување на гласови. За Косово и Србија, Брисел апелира да се најде одржливо решение за ситуацијата на северот, да се исполнат преземените обврски и да се работи на намалување на тензиите.
Лука Андреев