ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Само еден од четворица кандидати за амбасадори го помина собранискиот филтер

Само еден од четворица кандидати за амбасадори го помина собранискиот филтер

Иако беа присутни во собраниските ходници, на ред за сослушување не стигнаа Агрон Буџаку, Методија Белевски и Дритон Кучи, зашто претседателот на Комисијата, Антонијо Милошоски ја прекина седницата и најави продолжување за утре. Во однос на тактизирањето за овие сослушувања во Собранието и претходните обвинувања на шефот на дипломатијата Бујар Османи дека Милошоски намерно го кочи процесот, пратеникот топката ја префрли кај министерот. Милошоски вели дека МНР инсистирало кандидатите да бидат сослушани на седница од затворен тип, поради доверливи информации, па во прашање се доведувал кворумот за работа, бидејќи пратениците на ДУИ немале соодветен сертификат.

Advertisements

„Проблем има кај пратениците од ДУИ, коишто немаат поднесено барање за национален безбедносен сертификат и како пратеници не можат да одлучуваат по однос на материјали коишто се доставени со „строго доверливо“ или државна тајна, а такви материјали понекогаш поднесува и МНР и затоа господинот Бујар Османи добро е да им даде сугестија на своите пратеници да ја исполнат должноста“, изјави Антонијо Милошоски – пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

МНР експресно побара денешната седница да биде од отворен карактер, по што единствен сослушан кандидат беше амбасадорката Евгенија Илиева, која заминува за Братислава. Таа најави зајакнување на економската соработка, бидејќи трговската размена со Словачка изнесува само 107 милиони евра.

„Поддршката на Словачка, пред сè, беше истакната како еден од нашите најголеми поддржувачи во европските интеграции и исто таков беше случајот со евроатлантската интеграција, за што како знак на благодарност до Словачка беше одлучено минатата година да се отвори резидентна наша амбасада“, рече Евгенија Илиева – амбасадор во Словачка.

Седницата се очекува да продолжи утре со сослушување на кандидатите за Отава, Осло и Брисел. Во меѓувреме, Милошоски информира дека до Комисијата сè уште не се пристигнати материјалите за кандидатите за Софија и Париз, каде се планира да бидат испратени доскорешната амбасадорка во Брисел, Агнеза Руси и Виктор Димовски, актуелен директор на Агенцијата за национална безбедност.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button