МАКЕДОНИЈА

Само неколку училишта во Тетово подготвени за настава со физичко присуство


Само пет училишта во општина Тетово се подготвени наставата да биде со физичко присуство. Останатите основни како и средните училишта се за комбинирана настава. Ахмед Ќазими од Одделот за образование во оваа општина, вели дека до 10 – ти септември оваа општина, како и другите во земјава, ќе продолжат да спроведуваат анкети и консултации со родителите, учениците и вработените кои потоа ќе бидат доставени до Министерството за образование.

„Направивме истражување со родители, советите на родители, воспитно -образовниот персонал и од тоа што разговаравме, во моментот од 19 основни и средни училишта како и градинки, можеме да кажеме дека пет од нив покажаа подготвеност да започнат со настава со физичко присуство, додека другите училишта во нашата општина се на мислење за комбинирана настава. Од прво до петто одделение со физичко присуство со почитување на протоколите, додека останатите, со оглед на бројот на ученици, да имаат учење на далечина“, рече Ахмед Ќазими, Општина Тетово.

Градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, општина во која се наоѓаат 11 едукативно – образовни институции, вели дека сите објекти се подготвени за одржување на настава со физичко присуство.

Сепак, претседателот на ЗЕЛС Петре Шилегов, денеска повторно истакна дека конечната одлука за тоа во кои училишта треба да се одвива наставниот процес, ќе ја донесат здравствените установи, врз основа на податоците доставени од општините. По 10 септември, сите општини во земјава треба да имаат доставено целосни податоци врз основа на кои ќе се донесе одлука за тоа како да се спроведе образовниот процес во секое од нив.

Еви Шкопи

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button