СДСМ бара истрага од Обвинителството за полицискиот тендер
СДСМ бара истрага од Обвинителството за полицискиот тендер

Итна постапка од Јавното обвинителство, распит на сите лице вклучени во тендерот за набавка на униформи и расветлување на случајот, побара денеска опозицијата во врска со тендерот за набавка на униформи во Министерството за внатрешни работи. Опозицијата продолжува со обвинувањата дека тендер го добива фирма основана пред 20 дена, без искуство, и во сопственост на пријателка на сопругата на Тошковски, па сега бараат и надлежните да ја испитаат постапката.
“Испитување на можни кривични дела: злоупотреба на службена положба, местење тендер, перење пари. Поништување на целиот тендер. Дополнително, бараме јавно да бидат објавени резултатите и споредбите на мострите по ваквите анализи. Кои биле критериумите за анализа и споредба на мострите од различните фирми, кој е резултатот за секоја фирма и како се оценети сите учесници на тендерот? Граѓаните заслужуваат одговор”, рече Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ.
Тошковски ги отфрли обвинувањата, а и тој ги повика надлежните да ја испитаат тендерската постапка за овој случај.
„Го охрабрувам јавното обвинителство да отвори постапка за секој еден предмет за којшто цени дека има било какви незаконитости и ја охрабрувам опозицијата да продолжи да отвора теми кои се од интерес за јавноста. Но, исто така, ги охрабрувам да работат во интерес на македонските граѓани, а не по која било цена да се обидуваат да го оцрнат она кое што го работиме како Министерство за внатрешни работи„, рече Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.
СДСМ уште пред неколку дена обвини дека тендерот од речиси 4 милиони евра го добиваат сомнителни фирми – модно студио од Битола кое се регистрирало како фирма само 20 дена пред распишување на тендерот. Опозицијата тврди дека оваа фирма имала само двајца вработени. Министерот Панче Тошковски ги негираше овие тврдења, а вчера преку социјалните мрежи објасни дека тендерот го добил најдобриот понудувач и дека не станува збор за никаков криминал./Алсат.мк
Михаило Донев