СДСМ бара предлог-законот за задолжувањето кај Унгарија да се поднесе во редовна постапка

Пратеничката група на опозицискиот СДСМ во Собранието денеска ја повика власта да го повлече предлог-законот за задолжувањето од 500 милиони евра кај Унгарската експорт-импорт банка, кој е поднесен во скратена постапка, и да го поднесе во редовна постапка.
Во спротивно, како што посочи партискиот лидер и пратеник Венко Филипче, СДСМ, кој ја води Комисијата за финансирање и буџет во Собранието, нема да го стави овој закон на расправа.
„Да организираме јавна експертска дебата, а законот да ги помине сите филтри. Да се прецизира секој аспект на задолжувањето, да се расчистат сите дилеми и да се гарантира дека граѓаните ќе бидат заштитени. Доколку ВМРО-ДПМНЕ не го направи ова, тогаш јасно потврдува дека има сосема други скриени намери. Ако го поминете законот вака, на чело ќе си напишете сами на себе за корупцијата која ја правите“, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција во Собранието.
Доколку Владата не го повлече законот и не го поднесе во редовна постапка со цел отворање јавна расправа, повтори Филипче, СДСМ нема да учестvува во постапката и нема да закаже седница на матичната комисија.
„Ние го кажавме нашиот став, оставаме на претседателот на Собранието да одлучи како ќе ја тера постапката со сите комисии“, додаде партискиот лидер и пратеник.