СДСМ: Дали УЈП го игнорирала законот и овозможила нелегално работење на клубот „Пулс“?

Продолжуваат да излегуваат нови, загрижувачки детали за институционалните пропусти кои можеби довеле до најстрашната трагедија во поновата историја на Македонија, во која животот го загубија 59 млади луѓе, рече Мартин Костовски, организационен секретар на СДСМ.
Костовски додаде:
„Објектот познат како дискотека „Пулс“ во Кочани, каде се случи трагедијата, работел нелегално – тоа веќе е документирано и потврдено. Тоа е дел од активната истрага која треба да даде одговори, но и да утврди одговорност кај институциите чии пропусти се сѐ поочигледни.
Денес, отвораме нов и мошне сериозен аспект од оваа трагедија – улогата на Управата за јавни приходи.
Според податоците објавени во Бизнис мрежа, фирмата „ММММ Кафе“, сопственик на дискотеката „Пулс“, работела со блокирана сметка дури 217 дена. Евидентирана блокада, која сѐ уште не е тргната, била заведена на 16 август 2024 година.
И тука се поставува суштинското прашање:
– Дали Управата за јавни приходи требала да го затвори клубот уште во септември 2024 година?
Според член 117 од Законот за стечај, ако фирма има блокирана сметка повеќе од 45 дена и не исплаќа плати и придонеси подолг период, УЈП има законска обврска да поднесе барање за отворање стечајна постапка и да предложи мерки за обезбедување на имотот.
Ако блокадада била заведена на 16 август 2024 година, тоа значи дека веќе до крајот на септември Управата требала да постапи, а клубот „Пулс“ требал да биде затворен.
Но, клубот продолжил да работи. И 59 животи беа загубени“, рече Костовски.