СДСМ го поздрави апсењето на актуелни полицајци за пожарот во „Пулс“ и побара оставки од Мицкоски и Тошковски

Опозицискиот Социјалдемокатски сојуз на Македонија (СДСМ) ја поздрави синоќешната акција на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во која се уапсени актуелни полицајци и полициски функционери во врска со пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани.
Од партијата побараа и оставки од премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски затоа што, како што велат од Бихаќка, четири месеци се обидувале да ја сокријат и ја негирале одговорноста на полицајците кои биле на смена кобната вечер на 16 март кога се случи пожарот во која загинаа 62 лица, а речиси 200 беа повредени.
„Фактот што четири месеци ВМРО-ДПМНЕ се обидуваше да ја сокрие одговорноста на полицајците и полициските функционери, фактот што нивната вина беше негирана од страна на Панче Тошковски и Христијан Мицкоски укажува на тоа дека сите биле вмешани или на некој начин знаеле за нелегалното работење на ‘Пулс’ и тоа го одобрувале. Само поради обидите да се сокрие одговорноста од страна на Тошковски и Мицкоски на лицата кои тие ги поставија за полицајци, командири и началници би требало веднаш да си поднесат оставки“, се вели во соопштението од опозициската партија.
Одговорност, како што додаваат оттаму мора да има и за директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев.