СДСМ и ВМРО и денеска си префрлаат што се договориле и што не се договориле

Партиите од македонскиот политички блок разговараат, но не се согласуваат. Четврти ден по ред премиерот вели дека се исполнети условите ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржи уставните измени. Ковачевски оценува дека по изјавата кога Христијан Мицкоски се согласил да се вклучи во процесот, неговото повлекување може да го разочара меѓународниот фактор и граѓаните. Премиерот вели дека Влада без Албанци може да ѝ даде на политиката поинаква динамика во државата.
Мицкоски пак, зборувајќи за еден од исполнетите услови, ДУИ да биде во опозиција и понатаму додава нови услови, како гаранции од Бугарија и стапување во сила на уставните измени по членството на Македонија во ЕУ. Иако СДСМ повикува ВМРО да биде дел од Владата, опозицијата денеска повторно побара од премиерот да се определи за една од опциите: Влада без ДУИ или избори наесен.
„ДУИ не е во позиција да поставува услови. Доколку СДСМ навистина го прифати еден од предлозите, тоа се: Прво, завршување на процесот сега, со одложено важење кога Македонија ќе ги заврши преговорите и ќе влезе во ЕУ. Така го заштитуваме Уставот и идентитетот, нема дополнителни условувања и барања од Бугарија. ДУИ тоа го толкува поинаку, тоа е нивен проблем. Колку побргу заминат во опозиција, толку побргу на Македонија ќе ѝ тргне. Второ, избори наесен, поддршка на опозицијата во заштита на многувековниот идентитет“, наведе Мицкоски.
Идејата за проширена или преодна Влада на СДСМ-ВМРО, Ковачевски им ја презентираше и на партнерите од коалицијата. Според него, дел од малите партии се договориле 50 отсто од ресорите да ѝ бидат дадени на партијата на Мицкоски. Во меѓувреме, Владата, иако ја прифати предлог-иницијативата за уставни измени, сè уште не ги разгледала и доставила до Собранието нацрт-амандманите за Преамбулата и членот 49 од Уставот. Од Владата минатата недела соопштија дека ќе го чекаат епилогот од лидерската средба.
Адриан Керими