ВЕСТИМАКЕДОНИЈА
СДСМ и ВМРО не можат да се договорат ни како да ги разгледаат предлозите
СДСМ и ВМРО не можат да се договорат ни како да ги разгледаат предлозите

И единаесеттиот ден од средбата Ковачевски-Мицкоски помина со јавни меѓупартиски препукувања и наддавање понуди за тоа на кој начин да се продолжи по европскиот пат. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ сè уште не можат да се договорат ниту како да ги разгледаат понудените предлози. Дел од нив вклучуваа уставни измени со одложена примена, предвремени избори, широка Влада, па и укинување на т.н. техничка Влада која произлезе од Пржинскиот договор. За Владата која раководи во последните сто дена од мандатот начелно има согласност од сите политички субјекти таа да се укине, иако токму овој период се очекуваше ДУИ да го искористи за да го исполни главното предизборно ветување за прв премиер Албанец. Од СДСМ денеска повторија дека оваа позиција му е понудена на Мицкоски, а за прашањето за техничката Влада, но и за останатите предлози ја повикаа опозицијата на разговори во работни групи.
„Па еве местото премиер му беше понудено и на Христијан Мицкоски, но ова сега се прашања „што би било кога би било“. Затоа СДСМ направи отстапки и затоа предложи работна група и затоа ги повика ВМРО-ДПМНЕ да предложат работна група на којашто ќе може да се зборува токму за овој важен процес“, изјави Богданка Кузеска – СДСМ.
Наместо учество во работните групи, ВМРО-ДПМНЕ сега пак повикува на ТВ-дуел Мицкоски-Ковачевски. Според партијата сите прашања треба да ѝ бидат познати на јавноста.
„Она што е факт е дека единството на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е нескршливо и уставни измени под бугарски диктат нема да има. Јас би го повикал Ковачевски да не биде кукавица и да прифати дуел со претседателот Мицкоски за сите овие недоумици, доколку ги имаат, да бидат расчистени на јавна сцена“, рече Бране Петрушевски – ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно во телевизиско интервју премиерот Димитар Ковачевски кажа дека на граѓаните не им се потребни, како што вели, бесполезни дебати и дуели, туку обединетост.
Лука Андреев