ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

СДСМ и ВМРО во нова партиска препирка – избори или промена на Уставот?

СДСМ и ВМРО во нова партиска препирка - избори или промена на Уставот?

Први ќе бидат предвремените избори или уставните измени, одговорот зависи од ставот на политичките партии. И додека првиот човек на македонската опозиција Христијан Мицкоски вели дека е многу блиску да се достигне бројката од 61 пратеник за распишување на предвремени избори, од СДСМ велат дека ова сценарио нема да биде успешно.

„Мотивирани од страв, од полни сали низ земјава од кои ечеше поддршката за европска иднина, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат со лаги и манипулации, знаејќи дека на парламентарните избори 2024 година, со тандемот Ковачевски и Зечевиќ, ги чека уште еден изборен дебакл. ВМРО-ДПМНЕ со никакви лаги, деструкции и манипулации нема да успее да ја загрози европската иднина на државата“, велат од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека има поддршка за идејата за предвремени избори.

„Мнозинството во СДС е за избори, а Ковачевски и Зечевиќ го знаат тоа и затоа стравуваат за своите кариери. Да се плашеше некој од Ковачевски и Зечевиќ, пола партија немаше да бара избори. Повеќе од половина од СДС не гледаат излез од ќорсокакот во кој Ковачевски и Зечевиќ ја втурнаа државата“, нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи вели дека партиите треба да седнат и да ја одвојат темата за уставните измени од изборите.

„Дебатата за уставните измени треба да почне што поскоро бидејќи времето истекува. Имаме обврска до ноември да го завршиме процесот на уставни измени. Овој процес трае некаде од 3 до 6 месеци во Парламентот и тоа значи дека треба формално да влезе во Парламентот некаде на пролет. Потсетувам дека доколку до ноември не успееме да ги затвориме уставните амандмани, разговорите со ЕУ ќе бидат прекинати“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи.

Но, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека предвремени избори мора да има во мај. Во кампањата партиите веќе да ја промовираат својата идеја за уставни измени за да ја измерат поддршката на граѓаните.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button