СДСМ ја критикува мерката за ограничување на маржата на 10% на само 73 производи
СДСМ ја критикува мерката за ограничување на маржата на 10% на само 73 производи

Опозицијата со критики за вчерашната одлука на Владата во есенската кошничка да бидат опфатени 73 производи, а за кои профитната маржа ќе биде ограничена на 10 проценти во трговијата на големо и мало. Според СДСМ ова нема да донесе реално намалување на цените, а потсетуваат и дека во нивно време мерките опфаќале многу поголем број прехранбени продукти.
“Со најавеното замрзнување на маржите на само 73 производи власта под притисок на јавноста мачка очи, а резултатот ќе биде никаков. Мерките на владата на Христијан Мицкоски се задоцнети и нема имаат реален ефект ниту врз намалување на цените на производите ниту врз стандардот на граѓаните.СДСМ на пример минатиот септември 2023 година донесе мерки за намалување на над 500 производи во 25 различни категории”, велат од СДСМ.
Во одговор токму на критиките од опозицијата премиерот Мицкоски рече дека со оваа мерка се таргетираат производите кои граѓаните најмногу ги купуваат во овој период од годината, а укажа и дека во минатото се воведувал данок за лускуз само за луѓето од власта да ги полнат сопствените џебови.
„Тие забораваат дека 1.300 мислам беа производи коишто првин го покачија ДДВ-то од 5 на 10 проценти, а потоа воведоа и данок на луксуз. Зошто воведоа данок на луксуз? За да можат тој луксуз да го користат за наместени тендери, да го крадат истиот тој буџет и да завршува во нивни приватни џебови„, рече Христијан Мицкоски, премиер.
Одлуката на Владата за ваквото ограничување на бруто профитната маржа за дел од основните прехранбени производи ќе стапи во сила ден по објавувањето во Службен весник, а ќе се применува до 31 октомври годинава. По налик на оваа есенска кошничка, владата најави дека потоа ќе следува и предновогодишна кошничка, пролетна кошничка, како и во пресрет на големите празници како Божик и Бајрам, кога продуктите кои во тој период најмногу ќе се трошат исто така ќе бидат со ограничена маржа./Алсат.мк
Михаило Донев