СДСМ ја повика ДКСК да постапи за случајот со тендерите во министерството на Стефан Андоновски

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска ја повика Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да постапи за случајот со тендерите во Министерството за дигитална трансформација што од вчера е актуелен во јавноста, а кој го обзнанија токму од СДСМ.
Од СДСМ велат дека сите докази и документи со кои располагаат се јавно објавени и оти на ДКСК и на Јавното обвинителство нема да им биде проблем да ги обезбедат и да постапат за случајот да биде целосно расчистен.
„Министерот Стефан Андоновски вчера на прес-конференција го призна скандалот со тендерите во неговото министерство, но наместо да понесе одговорност, да се извини и да поднесе оставка, тој дрско ги бранеше договорите за тендери кои завршиле кај сопругот на државната секретарка Клинчарова. Ова претставува јасен конфликт на интереси, непотизам и основен сомнеж за корупција кои се впрочем одлики на ВМРО-ДПМНЕ“, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција од пред зградата на ДКСК.
Според Кузеска, министерот Андоновски не може да се извлече со обидите да го релативизира случајот тврдејќи дека државната секретарка не учествувала во постапката.
Таа додаде дека државниот секретар раководи со целата администрација во секое министерство и нагласи оти Клинчарова им била надредена на сите што биле вклучени во тендерската постапка која завршила кај нејзиниот сопруг.
Кузеска ги повика ДКСК и Обвинителството веднаш да преземат конкретни чекори велејќи оти ова не е само прашање на злоупотреба на функцијата – ова е директен удар врз довербата на граѓаните во институциите.