СДСМ: Каде е милијардата на Мицкоски за борба против загадувањето
Скопје неколку дена по ред е меѓу најзагадените градови во светот. И во други наши градови граѓаните дишат загаден воздух. Последиците се на директна штета на најважното, здравјето на луѓето. ВМРО-ДПМНЕ кога ја бараше довербата од граѓаните ветуваше активна борба со аерозагадувањето, вели Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, Платформа 1198, стои, дека, цитирам, приоритетни програмски определби на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во областа на заштитата на животната средина ќе бидат: План за обезбедување на чист воздух за сите! Кога беше во опозиција Христијан Мицкоски ветуваше над 1 милијарда евра инвестиции за заштита на животната средина и ветуваше намалување на загадувањето до 50%. Каде е сега милијардата којашто ја најавуваше Мицкоски за борба против загадувањето? Каде се мерките за намалување на загадувањето за 50%?“, прашува Кузеска и додава дека ова е уште едно разочарување уште едно неисполнето ветување на Мицкоски.