СДСМ: Ќе предложиме закон што ќе донесе вистинско намалување на цените на производите

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ќе предложи закон што ќе донесе вистинско намалување на цените бидејќи власта не планира да преземе конкретни и реални мерки и нема решение.
Со овој закон, како што велат од партијата, ќе се добие вистинска и реална мерка за намалување на цените.
„Владата на Христијан Мицкоски се покажа неспособна да го реши постојаното зголемување на цените на производите и целосно ги разочара граѓаните“, се вели во денешното соопштение од СДСМ.
Според нив, како големо промашување се покажала мерката за замрзнување на бруто-профитните маржи, иако таа требало да биде спасот од високите цени.
Оттаму велат дека цените во маркетите не се намалени, а во најголем дел се останати исти.
„За симболични 57 денари се намали потрошувачката кошничка за граѓаните за еден месец, ете толку ’заштедија’ граѓаните за еден месец. Поскапувањето на цените се голем товар за семејствата секој ден. Просечната плата, наместо да расте, се намали за 1 000 денари. Тоа е резултатот на погрешните економски политики на Мицкоски и ДПМНЕ“, додаваат од СДСМ во утринското соопштение.