СДСМ: Мицкоски едно зборува дома, друго ветува надвор

СДСМ обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ не ги исполнува ветувањата за судството – Мицкоски и неговата партија ветуваат едно пред странците а спроведуваат нешто друго. Според СДСМ Владата се согласила на реформската агенда за Планот за проширување, заедно со сите 40-те препораки што ЕУ и ги даде на земјата за реформи во правосудството.
„Изјавувајќи дека „не се откажуваат од распуштање на Судско-обвинителскиот совет“, во официјален документ, потврден од Владата на Мицкоски, се согласиле да ги сменат „само членовите на Судскиот совет на кои им истекол мандатот“. Неколку пати по ред Мицкоски едно кажува внатре во државата, а друго прави надвор. Или одлучил да не планира спроведување на Договорот со Европската комисија или да се откаже од реформите? Реформите во правосудството се можни само со спроведување на 40-те препораки на мисијата за евалуација на ЕУ, со поддршка и мониторинг на меѓународната заедница“, рекоа од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не се откажуваат од ветувањето за распуштање на овие две тела.
„Нема повеќе обвинители и судии кои се во служба на криминалните бизнис елити. Распуштањето на Советот е мерка од која не се откажуваме. Ова е нашето ветување кон луѓето за кое добивме и поддршка. Во меѓувреме, треба да се има предвид дека отпорот на овој чекор е поголем од оние на кои им служи затруениот судски систем и од оние на кои им годат институции со помалку од 2% доверба “, рече Бојан Стојановски, ВМРО-ДПМНЕ.
Експертите на Европската унија, по две последователни евалуации на работата на правосудните тела пред неколку месеци, дадоа 40 препораки, меѓу кои и промена на начинот на избор на членовите на Судскиот совет, скратување на 6-годишниот мандат, изготвување на Етички кодекс за однесување на членовите, ревизија на постапката за разрешување на претседателот на Судскиот совет, евалуација на постапката за унапредување и дисциплинската постапка.
Фатлуме Дервиши