СДСМ најави нов владин кабинет со смена на најмалку седум министри

Потпретседателот на СДСМ, Фатмир Битиќи, ја најави Владата „Заев III“ со нов формат. Битиќи вели дека може да бидат сменети најмалку седум министри од владата, но не кажа дали ресорите на СДСМ ќе бидат разменети со коалиционите партнери и дали нови партии би можеле да се приклучат на парламентарното мнозинство. Според него, во моментов Заев е важен за процесите што следат.
„Наскоро ќе ја имаме „Влада Заев III“ предводена од претседателот Заев. Независно на тоа дали се работи за 2, 3, 5 или седум сменети министри ќе биде „Влада Заев III“. Дали ќе имаме „Влада Заев IV“, зависи од следниот период и верувам дека ќе остане верен на одлуката за оставка, но во овој период ни е многу важен и ни треба“, рече Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ.
Од ДУИ денеска немаа став дали се очекуваат промени во редовите на интегративците како дел од реформата на владиниот кабинет. Алтернатива го одолговлекува одговорот кон премиерот Зоран Заев, кој пред неколку дена преку телефонски разговор побара од Африм Гаши да го одреди денот кога сакаат да зборуваат за проширување на мнозинството. Од состанокот на тесното претседателство како советодавно тело на партијата Алтернатива, не произлегоа конкретни препораки. Централното претседателство на партијата на Гаши заседава следната недела.
„Следната недела ќе имаме состанок на Централното претседателство на кој ќе одлучиме дали да започнеме преговори за да станеме дел од новото парламентарно мнозинство или не“, соопштија од Алтернатива.
Македонската опозиција ја цени како измама најавата на социјалдемократите за реформи во владиниот кабинет. Според ВМРО ДПМНЕ, Заев докажал дека е човек кој мами затоа што освен што не поднесе оставка, сега се враќа и се обидува да ги измами граѓаните дека наводно носи реформи во владиниот кабинет.
Адриан Керими